ЧОВЕКОТ...
...вреди колку неговите дела!

Расол за мамурлак или "поштено" добредојде

Почитувани интернет пријатели,
Овој веб простор е посветен за вас посетителите, кои случајно или не, сте се нашле на оваа веб локација.
Се надевам дека ке најдете доста интересни информации како за вас лично, така и за ваше убедливо маневрирање во вашето секојдневие.
Секое добро и не штедете се себеси.
Со почит
Јас,

Sunday, April 16, 2017

Велигден во Делчево: надеж, гордост, заедништво, топлина и среќа

Делчево го празнува најголемиот христијански празник, во духот на победата на животот над смртта. Воскресението Христово- Велигден е во срцата на Делчевчани, секаде каде и да се наоѓаат по светот.

Слободно можам да кажам дека за најголемиот христијански празник срцата на голем број делчевчани се во нивните родни огништа. 
Деновиве огромен е бројот на делчевчани по улиците на Делчево, по кафетериите, во ноќните барови и клубови кои за Велигден се во Делчево, во посета на нивните родни огништа и нивните семејства, роднини и пријатели. Ваква глетка во Делчево одамна не бев забележал. Одамна подзаборавени лица на старите пријатели, познаници, цели генерации на делчевчани кои живеат ширум државата и подалеку по светот, за Велигден беа дојдени во својот роден град, во своето родно огниште. И во целиот овој сентиментален белег на овој Велигден, се чувствува високо ниво на позитивна енергија, насмевки и расположение помеѓу помалку подзаборавените пријатели како се ракуваат на улица, како евоцираат спомени за нештата што биле во едно поодамнешно време.
Велигден за Делчево и делчевчани остана празник на заедништвото... А со заедништво може сите убавини да се достигнат....
Празниците потекнуваат од нашата традиција. Таа е белегот на нашето постоење. Без традицијата сме стебло без корења, кои што ветрот може да ги ниша како што сака. 
Дали да се биде традиционален или не? Која е убавината на еден ваков едноставен (а по малку и ограничувачки збор)? Вистинската убавина произлегува од нашата субјективна внатрешност, карактер и духовност. Екстериерот и нормите дефинирани од едно општество забрефтано по профит и материјалност секако е визауелна придобивка во отсуство на духовност, карактер и внатрешно богатство на личноста.
А традицијата....
Традицијата е право на избор на секој од нас, и не смее да биде сретство за присила и задолжителност.
Нека овие стари чардаци на домовите на нашите претци, влеат трошка надеж, како што нашите претци со надеж не очекуваат качени на нив, како незаборавен мирис и згасната светлина мавтаат кон нашиот поглед да застанеме за миг и да се присетиме на нивниот волшебен дух од чија што љубов сме ние создадени....
Тие насмеани ликови  во дворовите на нашата младост, под набразденото чело раскажуваат и ден денес приказни, вредни за прераскажување.
Приказни од кои се создава иднината!
Велигден со целата негова небесна светлина и божественост, нека биде сведок на нашето заедништво уште многу години и векови после нас. Нека сведочи дека на овој простор под најубавото ѕвездено небо живееле пријатели, роднини, браќа и сестри, другари и другарки, кои меѓусебно се почитувале, се сакале еден со друг, онака како Господ го сакаа човештвото, па го прати Својот единствен Син да пострада за нашите гревови.
За многу години мој народе!

No comments:

Post a Comment

Blogger Widgets

Автори на блогот