ЧОВЕКОТ...
...вреди колку неговите дела!

Расол за мамурлак или "поштено" добредојде

Почитувани интернет пријатели,
Овој веб простор е посветен за вас посетителите, кои случајно или не, сте се нашле на оваа веб локација.
Се надевам дека ке најдете доста интересни информации како за вас лично, така и за ваше убедливо маневрирање во вашето секојдневие.
Секое добро и не штедете се себеси.
Со почит
Јас,

Saturday, November 2, 2013

Аманет од вечноста

Пролог:
Живи сме,  мирни и замислени
Две грамади, два исконски горостаси, а браќа
Се сретнаа под жезлото на утринскиот блесок
Со молњи во очите, под челата набраздени.
-Утре сонцето се обложувам нема да изгрее...
И така стана.
Ноќта пророкот воздишна за збогум:
Збогум на светот.
Замисленоста стана ехо на недореченост,
Мирот стана апсолут, а животот замре.
Денес на запад сонцето зајде различно од вчера.



Главен дел  или Песна за изгрејсонцето: 
На исток се раѓаш како светлина,
замислен за ѕвездите над тебе кои што сјаат најсветло,
твоето име е: Утро над Македонија,
-најпрво од сите други.
Овде сонцето и пркоси на темнината.
Овде животот се раѓа во чест на заборавот, да биде запаметен.
Заборав на младоста која мисли на иднината.
Од југ извираш како река-врвулица,
некогаш толку мал и тажен, некогаш бесен и горд.
Твоето име е: Река на животот
-антички витез  на чистота и свежина.
Овде полето раѓа немир, пораз на свеста,
житно класје како владетел на животот.
Живот преточен во верување и судбина.
На запад сепак ништо ново:
Тело впрегнато во костец со зајдисонцето, создава сенка за божемна младост
Твоето име е: Планина на разголеност
-современик на вековите , историја на морфолошка грандиозност.
Овде Господ се вплотил по ѕидовите на фреските.
За секоја душа по еден храм,  да гори кандило на животот.
Вечен пламен во свеста на оние што битисуваат.
Север на пат кон татковината, она што стана и остана.
За навек да сведочи за едно постоење, на еден народ.
Твоето име е: Македонија
-чувар на заветот на вечноста.
Овде вековите немаат значење,
а толку се значајни... за другите, за оние што нé познаваат.
Овде народот едноставно постои, на земја, налик на срце.
Го ковам коњот за пат кон срцето. Пат неповратно кон својот дом.
Оттуѓен од сопственото постоење се ближам кон татковиот збор.
Твоето име е: Твојот народ
-равновесие на душата, спокојство на постоењето.
Овде иднината не е светла, како и секаде другде.
Таа треба да се осветли,
 во чест на секое наредно изгрејсонце.
Твоето име раѓа револуција, горд спомен на водач на својот народ.
Твоето минато е царска приказна, за летопис на душата.
Твоето име е: Делчево-Царско село,
-тоа е мојот дом.

Прилог на главниот дел
или
За животот и смртта на нашиот град
Лошо зборуваат соседите, некој воопшто и не зборува.
Трепет на душа и солзи за иднината, од срце на мајката која венее
Твоето име е: Ехо на детски џагор
-повик за сигурност и иднина, олицетворение на минатото.
Овде тропотот на тапаните има целосна смисла.
Се чини како тие да татнат за тебе, за тие што шетале пред тебе,
но и оние кои тврдоглаво го ситнат времето,
префрлајки го секој следен ден во ковчегот на нашата младост.
Ковчег кој треба да биде закопан од оние што доаѓаат по тебе.
Нема живот после смртта, освен во самиот живот.
Година, две, за пак да се видиме.
Копнеж на срце со дедов аманет,
за она што било, за она што трае и за она што не било
Успор на чекор-угоре и удолу.
Татнеж...
Под дрвото на строгите претци,
си изделкав сенка во немиот камен...

Епилог
Се смеам на љубовта.
Она дрско чувство на припадност на срцето.
Светот во мене раѓа нов горостас, нов живот,
нов аманет за вечноста.
И пак од почеток:
На крајот на нечиј живот,
или она што за некој е крај а за другите почеток.
И тогаш: не збогум на добредојде!
Замисленоста раѓа нов немир, а,
животот ора нови бразди.
Бразди во кои љубовта ке го положи своето вечно тело.

No comments:

Post a Comment

Blogger Widgets

Автори на блогот